ДОМ: По три години, победа над рударското лоби за Иловица

ДОМ ја поздравува одлуката на Министерството за економија да не издаде одобрение за експлоатација во рудникот Иловица. Од партијата велат дека ова е победа на екологистите од Струмичко, но и од целата земја, над моќното рударско лоби.

„Ова е победа на аргументите за здрав живот и здрава животна средина, над профитот на група луѓе. Браво за сите борци кои ја бранеа планината од уништување. ДОМ застана против опасните рудници со цијаниди и сулфурна киселина точно пред три години, на 23 јуни 2016 година, преку учеството и искажаниот протест на нашиот прерано заминат колега и портпарол, Тони Ристов, на јавната расправа за Студијата за оценка на влијанието врз животната средина на рудникот Иловица. Следеа нашите писмени забелешки, по што започнавме кампања за информирање на граѓаните за опасностите од вакви површински рудници, која продолжи во изготвување на Законот за минерални суровини, подготвен од пратеничките на ДОМ, а изгласан од пратениците на коалицијата. Ги поддржавме сите протести на граѓанските иницијативи, а паралелно водевме и општа кампања за алтернативни решенија за одржлив развој преку зелената економија“, велат од ДОМ.

Од таму велат дека сега поспокојно го чекаат следниот чекор, кога Владата треба поради правни причини да ја одземе концесијата, по примерот на Казандол, Валандовско. Потоа, велат од ДОМ, треба да следи ревизија и на останатите руднички концесии, во согласност со измените на Законот за минерални суровини.

„Мора да се испочитува забраната на цијаниди и сулфурна киселина, како опасни загадувачи на животната средина“, порачаа од ДОМ.

Треба да знаете
Последни објави