Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска оцени дека изостанувањето на европски интеграции сигурно ќе го забави развојот и ќе предизвика нова дестабилизација на Балканот, истакнувајќи оти Варшава ја поддржува политиката на проширување.
Тој отворајќи го состанокот на шефови на влади на Западен Балкан во Познањ изјави дека во Европа денес постојат економски и социјални кризи, но оти тие секогаш се присутни.
– Новите членки не носеа нови кризи, напротив носеа нови енергии, решенија, перспективи. Верувам дека тоа и сега е случај. Новите власти на ЕУ не треба да го спречуваат проширувањето. ЕУ треба да се отвори кон новите држави. Треба да се обврземе дека ЕУ е подготвена да прими нови членки, посочи Дуда.
Тој додаде дека сите се свесни на бурната историја на Балканот и оти треба да се работи на тоа никогаш да не се повтори.
– Ако ЕУ се повлече тоа ќе предизвика нова дестабилизација на регионот. Ова треба да биде клучна порака од Самитот во Познањ, дека патот кон ЕУ не е бесконечен, со постојано поставување на нови цели, наведе полскиот претседател.
Дуда потенцира дека иднината на Балканот зависи од економските и безбедносните реформи, како и реформи во областа на владеењето на правото.
Тој, исто така, истакна дека Балканот е составен дел од Европа во географска, културна, историска смисла и оти без негова целосна интеграција Европа нема да дише со полн капацитет.