Со два товарни авиони во понеделник во Турција ќе бидат пренесени првите делови од противвоздушниот ракетен систем С-400, што оваа земја ги купи од руската армија, јави турскиот весник „Хабертурк”.
Со авионите во Турција ќе пристигне и руска техничка екипа, која ќе помогне во инсталирањето на противракетниот систем.
Анкара повеќе пати соопштуваше дека не планира да се откаже од купувањето на противракетниот систем од Москва, иако САД се закануваат со воведување санкции и дека земјата ќе ја исклучи од програмата за снабдување со авиони Ф-35.
Портпаролот на турскиот претседател Исмаил Калин истакна дека купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана е процес што настана за да ги задоволи потребите на земјата за воздушна одбрана и призна дека тој сега е во завршна фаза.
-Нема да ви дадам точен датум, но испораката на С-400 наскоро ќе почне, изјави Калин.
Според него, одбранбениот систем С-400 не претставува закана или опасност за безбедносниот систем во рамки на НАТО.
Турција тврди дека системот С-400 нема да го инкорпорира во системите на НАТО и дека на ниту еден начин нема да ги загрози сојузниците.