Секое лето во текот на големите жештини, средовечните мажи низ Кина ги креваат своите маици над папокот за да се разладат, објави Си-ен-ен.
Таквиот стил на носење маица е толку распространет низ земјата што дури и стекнал сопствен назив кој се нарекува „пекиншко бикини“. Меѓутоа, во кинеската провинција Шандонг љубителите на ваквото бикини западнаа во немилост на локалните власти и сега мора да ги променат своите навики за разладување.
Во вторникот, властите во главниот град на провинцијата Шандонг, Жинан, кој има неколку милиони жители, издадоа декрет според кој маиците односно кошулите мораат да се носат на вообичаен начин на јавни места. Со оглед на тоа што температурите се зголемија на 36 Целзиусови степени во текот на неделава, машката популација на градот си зеде слобода, па луѓето масовно се шетале со разголени стомаци или во целост ги соблекле маиците, што е вообичаен тренд во целата земја.
Властите во Жинан сметаат дека ваквите навики се непристојни, а додаваат дека и самите граѓани се жалат на феноменот кој го нарушува имиџот на градот. Од таму објавија дека ќе стават крај на овој тренд на, како што се вели, безобѕирно изложување на телото на јавни места. На мета на влстите се нашле и други работи како јавни расправии меѓу граѓаните, непочитување на редовите за чекање, несоодветно фрлање на отпадот и несоодветно шетање на кучиња. Сите овие забрни имаат за цел да го подобрат јавниот имиџ на градот.
Сепак, на социјалните мрежи, многу граѓани сметаат дека локалните власти претерале со одлуката. Како причини за нивното противење ги наведуваат тоа дека разголеното тело ги намалува емисиите на јаглерод диоксид и дека на постарите треба да им се даде слобода да се чувствуваат поудобно.