Германската канцеларка, Ангела Меркел, од Познањ порача дека е оптимист во однос на шансите Северна Македонија да го добие долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали врши притисок врз скептичната Франција за зелено светло за преговори, Меркел порача дека Европската Унија и процесот на одлучување во неа не функционира со притисоци, но дека со оптимизам гледа кон есента, кога најдоцна треба да се донесе одлуката, два пати одложувана, за старт на пристапните преговори.
Германската канцеларка меѓутоа истакна и дека не се согласува со францускиот претседател, Емануел Макрон дека проширувањето на ЕУ и нејзиното продлабочување не можат да се одвиваат паралелно.
-Се согласувам дека треба да се подобри ЕУ одвнатре, но тоа не е причина да не се почнат пристапните преговори, тоа само по себе не е контрадикторно, изјави Ангела Меркел на прес конференцијата по средбата на лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан на самитот во Познањ.
Премиерот Зоран Заев, кој денеска оствари средба со францускиот премиер, Едуар Филип, на маргините на самитот, порача дека Париз очекува од Македонија да продолжи со започнатите реформи до октомври и земјата да продолжи да го подобрува својот имиџ пред европската јавност. Премиерот изјави дека е убеден дека сите напори кои Северна Македонија до сега ги вложила за добивање на датумот, како договорот со Грција, реформите во клучните области и заложбите за еднакво општество за сите ќе донесат резултати кои Франција ќе ги препознае.
-Дефинитивно впечатоците кај сите земји членки се неспорни, односно ние ги исполнивме сите услови, Преспанскиот договот гледате дека е тема на секоја прес конференција, на секој состанок се почнува со примерот од Преспанскиот договор, договорот со Бугарија исто така, сето тоа што дома е направено, вклучително и дијалогот со опозицијата, можам да кажам дека се нотирани како успеси преку кои не може да се помине, рече Заев.
Премиерот додаде дека резервите кои постојат кај одредени земји членки на ЕУ се однесуваат на зачленувањето во ЕУ.
-Заклучокот од овој самит е дека гаранцијата е уште поголема, изјави Заев алудирајќи на отворањето преговори наесен, но и дека се очекува од Македонија да продолжи да работи на реформите во текот на летото и сѐ до носењето на одлуката.
Прашан дали францускиот премиер на состанокот инсистирал на некои специфични услови за да даде зелено светло наесен, како СЈО, тој рече дека земјите членки на ЕУ се водат од извештајот на Европската Комисија.
-Извештајот е завршен, тој е со безусловна препорака, навистина е одлична препораката што ја добивме, самиот извештај е одличен, но како пријателска земја секако тие сакаат да имаат и аргументи плус за домашната јавност, и ние тоа ќе го правиме, прво тоа ќе го правиме за нашата јавност, дома, тоа е работа на власта, на опозицијата, на парламентот, граѓанските организации, коморите, синдикатите, сите треба да работиме, ако можеме да го решиме СЈО, супер.
Заев апелираше да се реши статусот на СЈО и изрази верување дека ќе се покаже “доволно флексибилност без да се наруши правниот аспект на самиот процес„.
-Ако можеме час поскоро тоа да го решиме, би било добро, ќе отвориме иницијативи деновиве но да продолжиме и со реформите во правосудството, мора да продолжиме, сега имплементацијата на законите што ги донесовме, да ја зголемиме транспарентноста, критичкиот осврт на медиумите кон власта, за да се доживеат реформите уште подобро, но и на реформата на јавната администрацијата, безбедносните служби, борбата против корупцијата.
Премиерот порача дека овој состанок го напушта “уште поголем оптимист” за датум во октомври.
Доколку повторно биде одложен датумот за преговори наесен, Заев тврди дека земјите членки се свесни дека тоа претставува ризик.
-Колку и да биде идниот премиер на Грција, можат да бидат испровоцирани од дома поради национализам и радикализам; можат да направат проблем повторно меѓуетничките односи; може повторно кавги да се отворат со Бугарија и со другите соседи, никому тоа не му одговара, смета Заев.
Тој додаде дека во ЕУ се свесни дека се должни како и да власта е мета на критики дека “наводно излажала” за добивањето датум за преговори, кога всушност се работи за временски теснец, изјави Зоран Заев и додека дека е важно идната година Македонија да биде навлезена во преговарачкиот процес кога ќе ко-претседава со самитот за Западен Балкан заедно со Бугарија во рамките на Берлинскиот процес.