Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, го критикуваше процесот на именувањето на неговата наследничка, германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен, наведувајќи дека не бил транспарентен.
„Процесот не беше баш транспарентен“, изјави Јункер на конференција за новинари во Хелсинки, коментирајќи го начинот на кој лидерите на ЕУ неделава го именуваа новиот претседател на Европската комисија.
Јункер додаде дека тој пред пет години бил именуван на транспарентен начин, по кампањата на европските избори, пренесе „Ројтерс“.
„За жал, тоа не остана традиција. Бев прв и последен водечки кандидат“, изјави Јункер.
Додаде дека е добро што Финска го презема претседавањето со Советот на ЕУ, бидејќи лидерството и стабилноста се типични карактеристики за земјата.