Стоилковски: Муслиу врши политичка елиминација на оперативниот кадар во Агенцијата за разузнавање

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, охрабрен од неговиот шеф Пендаровски, второто лице на Зоран Заев спроведува политичка елиминација на целокупниот оперативен кадар на Агенцијата, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според сознанија со кои располага ВМРО-ДПМНЕ, на местото за негов помошник, Муслиу назначил лице кое досега било ангажирано како проектен истражувач на НВО „Нексус“.

„Еве едно прашање до Пендаровски, дали претседател на оваа НВО е токму сопругата на Муслиу и дали „Нексус“ се наоѓа на домашна адреса на Муслиу, а формирана е само пред две години? Оттогаш речиси непрестано води проектни активности со градоначалници на СДСМ, работи на промоција на Пендаровски и учествува во работата на Комисијата за борба против тероризмот. Оваа НВО, согласно јавно достапните податоци, во изминатиот период учествуваше во трки за проекти за превенција од радикализација и дерадикализација на терористи и верски радикали. Проектните активности на оваа НВО ги спроведуваше токму лицето Васко Шутаров, тогашен советник за тероризам, кој е сега унапреден на највисоко хиерархиско ниво како благодарност од Муслиу“, рече Стоилковски.

Тој додаде дека ова претставува класичен судир на интереси, проектни активности за борба против тероризам финансирани преку НВО и работно место советник за тероризам е сродна, споива и директно поврзана дејност.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика Антикорупциската комисија да го провери овој случај и го праша  Стево Пендаровски даил познава било која сојузничка НАТО држава во која шефот на разузнавачката служба има регистрирано НВО на домашна адреса.

Треба да знаете
Последни објави