Наместо Заев да вели дека не ја слушнал бомбата, нека одговори од каде знае дека Рашковски е целосно невин, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјава на премиерот Зоран Заев кој вчера порача дека треба да ги види аргументите и снимките, па да одлучи дали ќе бара оставка од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Според Стоилковски, коментарот на Заев претставува смешен начин да се одбегне одговорноста на Владата во овој случај.
„Македонската јавност заслужува одговор на тоа дали Рашковски учествувал во нелегални активности. Во најновиот разговор кој беше објавен во медиумите, Рашковски говори за работи кои се предмет на истрага при склучувањето на тендерот со италијанската фирма „Леонардо“. Јавноста заслужува одговор за што станува збор и тој одговор мора да излезе. Владата е повторно фатена во еден огромен скандал, Рашковски знае дека не смее да разговара со Леонардо пред да биде доделена понуда, и спротивно на законот наложува да разговара со оваа фирма“, рече Стоилковски.
Портпаролот подвлече дека Обвинителството мора да се заинтересира за овој случај со кој, како што рече, Драги Рашковски договара 7 милионска аванта со фирмата „Леонардо“, по насока на Зоран Заев.



