„Таргет-Тврдина“: Мијалков со вкрстени прашања кон сведокот Трајковски

Судењето „Тврдина-Таргет“ на СЈО, продолжи денеска во скопскиот Кривичен суд. Обвинетиот Сашо Мијалков поставуваше вкрстени прашања кон сведокот Сашо Трајковски, тогашен началник во оперативната техника во УБК, кај што се вршело прислушувањето.

Мијалков го праша инжинерот Трајковски како знаел дека телефонските броеви што се прислушувале биле именувани со псевдоними.

„Бидејќи имаше пријава за дефект, го рестартирав софтверот на системот за прислушување и кликнав лог „Лијаве“. Тогаш од другата страна, соговорник, кој не беше таргет, кажа: „Добро утро господине Рамковски‘“, одговори Трајковски.

Потоа Мијалков кажа:

„Да де, од 20.000 таргетирани броеви баш на Велија и на новинари налетавте“.

На ова Трајковски одговори: „Имињата им беа со сменети слогови, затоа на некои се сеќавам, на некои не“.

Мијалков го праша сведокот зошто при вакви проблеми во системот не ги употребувал броевите наменети за тестирање? Сведокот Трајковски рече дека така немало да открие дека нелегално се прислушува.

Тогаш Мијалков го праша зошто не пријавил кога дознал дека нелегално се прислушува? Сведокот пак рече дека не се осмелил да пријави кај него. Тој појасни дека нелегалните таргети кои биле ставени под „важно“, оделе во компјутерот во неговата канцеларија.

Два месеца по објавувањето на бомбите од страна на лидерот на тогашниот опозициски СДСМ бил исклучен од употреба „најс“ системот во МВР. И претходниот „веринт“ системот и „најс“ системот по наредба на началникот на Петтата управа Горан Грујевски кој е обвинет во „Тврдина-Таргет“ и е во бегство, тој ги подготвувал да се уништат.

Подоцна се уништени и двата система со кои биле следени стотици граѓани без судски налог, првин со дробење и сечење на парчиња од по неколку сантиметри.

Мијалков го праша сведокот кој бил во комисија за попис и правел извештаи за состојбата на системите за прислушување дали е можно началниците Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ да го известувале погрешно, на што Трајковски му кажа: „Не знам што сте си збореле вие меѓу себе“.

Покрај Мијалков и Грујевски, во овој предмет обвинети се и Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Никола Бошковски (во бегство) и шестмина сѐ уште актуелни вработени во УБК.

Треба да знаете
Последни објави