Германската војска по грешка продала лаптоп со тајни информации

Германската војска продала користен лаптоп кој сè уште содржел доверливи информации, објавија германските медиуми за време на викендот.

Според весникот „Зидојче цајтунг“, станува збор за оперативни упатства за лансирна ракетна рампа за Марс, класифицирaни како доверливи информации само за службена употреба, поради што очигледно е дека хард дискот на компјутерот не бил избришан пред продажбата.

Од Министерството за одбрана за германскиот весник изјавиле дека од насоките за ракетната рампа не може да се добие никаков пресуден увид, пренесува хрватски „Индекс“.

Според „Зидојче цајтунг“, купувачот, инаку баварски шумар, набавил четири лаптоп компјутери од „Вебег“, организација која продава користени владини компјутери, преку платформата „ибеј“ во 2018 година.

Еден од компјутерите се’ уште имал инсталиран оперативен систем и доколку името на последниот корисник било внесено како лозинка, се отклучувале доверливите содржини.

Шумарот во март го известил министерството за неговото откритие.

Министерството објаснило дека по пријавата на шумарот започнало сериозна истрага во врска со користењето на застарената ИТ опрема и дека било утврдено оти во 2016 година уште еден лаптоп со неизбришан хард диск бил продаден преку „Вебег“.

Министерството додало дека не е можно да се утврди дали и во тој случај во компјутерот имало доверливи информации.

Баварскиот шумар вратил еден компјутер, а останатите три ги задржал

Треба да знаете
Последни објави