Заев жали за Јанакиески, но судот одлучува дали ќе го прати во куќен притвор

Премиерот Зоран Заев жали за тоа што поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески штрајкува со глад во затворот во Шутка, но не може да интервенира и да се меша во судските одлуки. Јанакиески веќе девет дена штрајкува, па неговата сопруга испрати апел до надлежните, да го ослободат и да му одредат куќен притвор.

-Притворот не смее да биде казна, господинот Миле Јанакиески има три деца како што имам јас две деца и не ми е сеедно, но тоа не ми дава за право да го менувам правниот систем, да влијаам на правниот систем и да правам притисок. Може би со инвентивноста на вашето прашање ќе помогнете некако или јас преку мојот одговор, но до тука е црвената линија, рече Заев.

Инаку на Јанакиески штрајкот со глад се состои од одбивање на затворската храна откако одново беше притворен за продажба на државни парцели на кои никогаш не никнаа најавените хотели. Тој во Шутка замина од куќен притвор кој му беше одреден откако беше обвинет дека е дел од групата која го организирала крвавиот упад во Собранието на 27 – ми Април.

Од истражниот затвор Шутка потврдуваат дека Јанакиески не ја прима затворската храна но дека добива пакети. За Алсат објаснуваат дека не може да се има целосна контрола дали Јанакиески нешто јаде или дали храна прима преку цимерот со кој дели ќелија. Јанакиески е обвинет и во неколку случаи на Специјалното обвинителство.

Треба да знаете
Последни објави