Под мотото „Донирај/волонтирај/едуцирај“ денес од 19 часот ќе се одржи хуманитарно едукативна забава наменета за помош и донации на бездомните животни. Повеќе невладини организации повикуваат сите заинтересирани да дојдат со нивните миленици во Orange Kids Club & Caffè, да бидат дел од „Среќна среда“.
„Оваа хуманитарно едукативна забава е наменета за помош и донации на бездомните миленици кои се најзагрозени, но и за едукација на најмладите и поттикнување на јавната свест за одговорно сопствеништво на домашните миленици. Во рамките на настанот ќе се одржи базар на ракотворби во организација на здруженијата за заштита на животните каде што со ваша скромна донација, ќе можете да си одберете некоја креативна изработка. За најмладите подготвивме едукативна работилница во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство – ‘Биди неговиот херој’ на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ за подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, презентација на книгата за деца ‘Хотел за кучиња’ во соработка со Литература.мк, детско кино, креативно катче, фотоконкурс ‘Моето милениче’, еду-работилница ‘Светот на рептилите’ со Војо Иванов, музички точки, караоке и многу подароци и изненадувања“, велат организаторите.
Освен собирање донации и вдомување, целта на настанот е да се едуцираат најмладите како да се биде одговорен сопственик на домашно милениче, кои се правата и обврските на сопствениците на домашни миленици, како треба да се грижат за здравјето на животните, но, и за бездомните животни, водејќи сметка и за сопственото здравје.
Настанот „Среќна среда“ го организираат повеќе невладини организации, меѓу кои и „Анима мунди“, „Кане корзо“, Daisy Family Rescue, „Шепасти ентузијасти“ и Biker paws.