Министерот за култура, Хусни Исмаили, денеска во својот кабинет оствари средба со амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Кристиан Тимоние.
На средбата министерот Исмаили му се заблагодари на францускиот амбасадор за поддршката од Република Франција за интеграциските процеси на Република Северна Македонија во реализацијата на стратегиските цели – членство во Европската Унија и во НАТО-алијансата.
Министерот Исмаили и амбасадорот Тимоние на средбата изразија задоволство од досегашната успешна соработка во делот на културата меѓу двете држави, што се потврдува и со реализацијата на голем број проекти спроведени во соработка со Амбасадата на Франција во нашата земја и со Францускиот институт. Меѓу нив беа издвоени Фестивалот на францускиот филм во Охрид, потоа заедничките проекти од областа на литературата, театарот, танцот, а особено беше потенцирана соработката меѓу двете земји во областа на културното наследство. Министерот за култура истакна дека е од особено значење и институционалната соработка, која е потврдена преку гостување на реномирани уметници во двете земји, а во некои дејности таа е продлабочена и со реализација на повеќе копродукциски проекти. Особено значајно е и присуството на уметници од Франција на фестивалите во нашата земја од областа на драмската, музичката или филмската уметност.
На средбата, министерот за култура Хусни Исмаили и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние заеднички констатираа дека активностите за продлабочување на француско-македонската културна соработка ќе продолжат и во иднина.