По обидот да се изврши медиумско-политичка диверзија со меѓународни размери, можеме да му честитаме, барем еднаш, на тимот што внимателно, одговорно и аргументирано го одби нападот. Исто такви честитки може да им се упатат и на голем дел од медиумите (нагласувам, медиумите, а не мегафоните), кои одговорно и квалитетно ја известија јавноста за овој случај
Тоа што во текот на ноќта на 8 јули изгледаше како почеток на катастрофа, веќе до пладнето наредниот ден беше како меур од сапуница. Се чини дека македонското општество, сепак, станува отпорно на медиумско-шпионски диверзии. Можеби недоволно брзо, но нешто се движи кон подобро, сепак. Навистина, што се случи?
Моите извори во таборот на опозицијата ме брифираат дека, ноќта по обидот да се изврши оваа медиумско-политичка диверзија со меѓународни размери, била долга и нервозна. Фрчеле телефони, а партиските агитпроп капитени се правдале дека не можеле подобро и повеќе, дека медиумските пиони не биле доволно убедливи и добри, а одговорот на секторот за јавноста бил брз и аргументиран. Се разбира, не можеме да очекуваме јавно признание за тоа („ни у лудилу“), бидејќи така ќе се откријат сите валкани детали за нивната непосредна вмешаност во оваа сторија со краток век.
Можеме со леснотија да установиме дека обидот да се предизвика скандал со објавата на руските пранкстери што го измамија нашиот премиер, едноставно, не успеа. На Путиновите комедијанти-прислужници не им успеа да го испровоцираат Заев да каже нешта што се различни од неговите заложби што се добро познати во јавноста. Снимката е предолга и здодевна, така што не успеа да предизвика ни потсмев во јавноста, иако во настанот не изостанува комичната димензија. Но, комичното и овде е во служба на „неконвенционалните форми на загрозување на националната безбедност“, како што ова прецизно го дефинира професорката и пратеничка Фросина Ременски.
Јавноста препозна дека овде не се работи за обид да се искомпромитира само премиерот Заев, туку за далеку поголема игранка. Многумина што имаат гласен и критички став кон низа слабости на владата што ја води Заев, успешно ги раздвоија заслужените критики од еден очигледен план да се зададе удар, макар и мал, за аспирациите на целата земја. Го сфатија ова како напад на македонските стратешки интереси, а не на една личност. Стана јасно дека оваа операција е дел од подолгорочна стратегија со цел, барем малку, дополнително да ја разниша владата, а ни оддалеку не е „само поради забава“, како што авторите на пранкот ја опишуваат својата „работа“ во разговор со новинарот на ТВ Клан, Алиу.
Ако кликнеме кратка пауза на континуираните критики за внатрешните политики и практики, некои претерани, а голем број сосема оправдани, треба да погледнеме отворено и искрено на оваа ситуација што секако може да се опише со зборовите на Ременски (неконвенционални форми на загрозување на националната безбедност). Ако кликнам пауза, не можам, а да не препознам дека одговорот беше брз и квалитетен. Премиерот излезе подготвен, со отворени и конкретни одговори и со аргументи и без колебање одговори на сите прашања искрено и без двоумење, без оглед на тоа колку некои од прашањата беа манипулативни и со однапред констатирани пресуди за него. Се извини и изрази жалење, нешто што никогаш не добивме од ниеден политичар на Режимот.
Ова беше, на некој начин, мала победа на повеќе нивоа – политичко, медиумско, граѓанско… За жал, малку вакви победи можеме да наброиме, а голем е бројот на случаи кога јавноста била жртва на лажни вести и пропаганда. Можеме да му честитаме, барем еднаш, на тимот што внимателно, одговорно и аргументирано го одби нападот. Исто такви честитки може да им се упатат и на голем дел од медиумите (нагласувам, медиумите, а не мегафоните), кои одговорно и квалитетно ја известија јавноста за овој случај. А најголемиот дел од јавноста, шарена како и секогаш, овој пат, успеа му одолее на искушението да ги измеша сите баби и жаби што може да се замислат во еден ваков контекст.
Редовните штапски ботови и тролови, како и збирштината собрана околу загарите на Груевски, останаа со прстот в уста. Се обидоа, со познатиот вокабулар и манипулации, да ги заменат тезите, да предизвикаат бранови на говор на омраза, да навредуваат, но не им тргна од рака ништо од тоа. Луѓето ја препознаа ситуацијата и сфатија дека не се работи за обична шега.
Веќе подолго време е јасно, нервозата околу македонските интеграции расте. Ова со руските пранкстери беше ситница во споредба со тоа што нѐ чека во наредните месеци до конечното, официјално влегување во НАТО и последните чекори пред почеток на преговорите со ЕУ, кога и да се случат тие. На сите ни треба критика, но најмногу од сѐ ни треба јасен поглед на тоа што е важно, а што не е, што се пропаганда и лажни вести, а што се факти.