Лансирањето на ракетата „Аријанспејс вега“ пропадна рано изутрина и товарот што требаше да се транспортира беше изгубен, објавија официјални лица од европската компанија „Аријанспејс“.
Портпаролката на компанијата за лансирање ракети изјави за француската новинска агенција АФП дека проблемите се случиле две минути по лансирањето од полигонот Коро во францускиот прекуморски департман Гијана во Јужна Америка.
Тоа беше прв неуспех во врска со ракетата, а компанијата се извини за губењето на товарот.
Вега ракетата требаше да го лансира набљудувачкиот сателит FalconEye 1 за потребите на Обединетите Арапски Емирати. Сателитите беа произведени од „Ербас“ и вселенската компанија „Талес аленија спејс“.
Сателитските снимки требаше да се користат за создавање мапи, контрола на земјоделско земјиште, урбанистичко планирање и граничен надзор.