Граѓаните не се дволно мотивирани да пријавуваат дискриминација и поради тоа потребни се дополнителни мерки во насока на нивно охрабрување за пријавување случаи на дискриминација и кршење на основните човекови права, покажува Извештајот за имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2011-2018, што денеска беше промовиран во Скопје од Мрежата за заштита од дискриминација.
Дел од причините поради кои мал број на граѓани кои се изложени на дискриминација се решаваат да поднесат претставки до Комисијата за заштита од дискриминација, како беше посочено, се однесуваат на недостаток на доверба во државните институции, секундарната виктимизација и недостиг на информации за постапување на оваа Комисија.
Целта на извештајот, како што беше речено на промоцијата, било да се соберат податоци за досегашното спроведување на Законот и анализирање за севкупното работење на Комисијата од нејзиното формирање до денес, вклучувајќи го постапувањето на членовите на Комисијата во два состави, и тоа од 2011 до 2016 година и од 2016 до 2019 година.
На презентацијата беше посочено дека во првите години од формирањето на Комисијата бројот на претставки бележи тренд на зголемување се до 2014 година, а од 2015 година бројот на претставки да се намалил драстично. Во контекст на тоа, како што беше посочено, единствено поголемо зголемување се бележи во 2018 година, кога бројот на претставки од 59 во 2017 година, расте на 132 во 2018 година.
Најиндикативен случај што ја одбележа 2018 година, како што е наведено во извештајот, е случајот на дискриминација врз поранешниот премиер Никола Груевски од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска во предметот „Тенк”, кога Комисијата постапила брзо и пред законскиот рок..
-Утврдувањето дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација, стои во извештајот.
Во пресрет на изборот на нов состав на Комисијата за заштита од дискриминација и спроведување на новото законско решение со кое се надминаа дел од недостатоците,како што беше посочено на презентацијата, исклучително е важно да се мапираат досегашните недостатоци со цел ефикасна и ефективна зашита од дискриминација.
-Дел од членовите на Комисијата немаа претходно искуство во областа на дискриминација ниту пак искуство на работа за различни маргинализирани групи. Дополнително, видна беше и поврзаноста на дел од членовите со одредена политичка партија, а постоеше и регистрирана историја на дискриминаторски говор и говор на омраза кај дел од комесарите од последниот состав, истакна Марија Гелевска од Мрежата за заштита од дискриминација.
Игор Јадровски, кој е еден од авторите на извештајот, посочи дека Мрежата за заштита од дискриминација постојано алармирала за неконзистентност, непрофесионалност и тенденциозност во постапувањето на Комисијата за заштита од дискриминација.
Според него, Комисијата за заштита од дискриминација различно постапувала во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор. – На пример, Комисијата не утврдуваше вознемирување во случаите на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето во медиуми блиски до тогашната власт, додека утврди дискриминација за слична содржина во мали и локални портали, рече Јадровски.
Јована Јовановска Кануркова истакна дека Комисијата досега не повела ниту една судска постапка по службена должноста за заштита од дискриминација додека само за еден случај Комисијата покренала прекршочна постапка против дискриминатор кој не ја почитувал препораката на Комисијата за отстранување на дискриминацијата.
-Во дел од случаите и покрај утврдувањето на дискриминација, во мислењето нема препорака, а Комисијата не го следи спроведувањето на препораките. За да зборуваме за ефикасна заштита од дискриминација казните треба да бидат пропорционални, ефективни и да имаат одвратувачки ефект за сторителот, наспроти симболичкото казнување кое не придонесува до прекин на дискриминаторските практики, додаде таа.
Како најчести области согласно извештајот за дискриминација се работата и работните односи, пристапот до добра и услуги и на крајот правосудството и управата, додека најчести основи за дискриминација се етничката припадност, личниот и општествен статус и политичката припадност.
-Доследното спроведување на Законот, изборот на независни експерти од областа како комисионери, гарантирање на соодветен буџет за работа се само дел од предусловите за ефикасна и ефективна заштита од дискриминација, согласно препораките на Европската комисија, останатите тела за човекови права и согласно потребите на нашите граѓани, посочи Наташа Бошкова од Мрежата за заштита од дискриминација.
Поранешниот птретседател на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски појасни дека Комисијата првенствно има задача да го испита случајот, потоа да се обрати до потенцијалниот дискриминатор, а доколку увиди дека има дискриминација констатира мислење и укажува како тоа да се отстрани но, како што дополни, тоа не е задолжително и обврзувачки. Во случај кога дискриминиаторот не постапи на укажувањето се отвора простор и со тужба преку суд да се оди во постапка.
– Многу е важно членот на Комисијата што го води предметот да биде повикан во судот како адвокат на странката која е дискриминирана за да може да го одбрани прво своето мислење и во контекс на заштита на интересот на странката која е диоскриминирана, изјави Миновски.
Подготовката на извештајот е дел од активностите на проектот „ЗСЗД под лупа: следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација” во рамки на концептот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во Европската Унија” на Фондацијата Отворено општество- Македонија.