Во Неготино денеска почнаа градежни работи за нова социјална зграда во која ќе има 62 станови за социјално ранливи категории граѓани.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески нагласи дека Владата е силно фокусирана во изградба на социјални згради и решавањето на проблемите на социјално ранливите категории.
-Во изминатиот период заедно со директорот на Јавното претпријатие за станбен и деловен пристор ја посетивме општина Пробиштип каде исто така започна градбата на социјална зграда со 48 станови. Зградата во Неготино ќе има 62 стана и ќе помогне во решавањето на станбеното прашање на социјално загрозени семејства, рече Сугарески.
Тој додаде дека во текот на оваа година се планира да стартуваат градежните работи за социјални станови во Гевгелија, Пехчево, Свети Николе, Велес, Виница, а во Бутел во Скопје се планирани околу 312 станови. – Во наредниот период колку што можеме ќе обезбедиме кров на глава на семејства од различни општини. Сакам да нагласам дека покрај тоа што го правиме со јавните претпријатија во патната, железничката и комуналната инфраструктура, особено ни е важна и изградбата на социјални станови, посочи Сугарески.
Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски соопшти дека рокот за изградба е 18 месеци, но можно е да се заврши и порано и станови да добијат сите оние кои ги исполнуваат критериумите за тоа. – Остануваме силно посветени на изградбата на сите станови кои ги најавивме. Следува интензивен период. Продолжуваме со зградата во Бутел, Виница и Свети Николе во текот на август, а од ноември уште пет згради ќе почнат да се градат во Дебар, Велес, Гевгелија, најави Трајковски.
Со претходните две и најавените осум, до крај на годинава треба да се заокружи проектот Ф/П 1674, за станови за социјално ранливи категории.
Неготинскиот градоначалник, Тони Делков нагласи дека во Неготино првпат се гради социјална зграда. – Општината останува посветена на решавање и на сите други проблеми кои се од социјален карактер, рече Делков