Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ги посети првите деинституционализирани лица од ЈУ Завод за рехабилитација „Бања Банско”, институција за згрижување лица со физичка попреченост.
Двојката, Фанка Динова и Јонче Гогов, од април годинава ја напуштија установата и се преселија во семејната куќа на Фанка, во гевгелиското село Миравци. Обајцата претходно беа сместени во Заводот уште како деца и во него поминале повеќе од триесет години.
– Посебно се радувам што процесот на деинституционализација со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Нашите заложби се во следните три години повеќе да нема лица сместени во институции и тие да станат дел од општеството, да живеат самостојно во заедницата со соодветна поддршка за што веќе развиваме сервиси на локлано нивно, рече министерката Царовска.
Делот од семејната куќа на Фанка беше реконструиран со финансиска поддршка од шведската фондација „Лоза” и е обезбедена целосна пристапност. МТСП и агенцијата UN Women обезбедија личен асистент за поддршка на Фанка и Јонче во секојдневниот живот.
Како што информираат од МТСП, во следниот период Заводот „Бања Банско” треба да го напуштат уште седумина возрасни користници кои ги прават последните подготовки за преселба. До крајот на летото тие ќе се вселат во четири станови во државна сопственост во Струмица. Нивните нови домови се целосно прилагодени, пристапини и опремени. Државата ќе обезбеди и лична асистенција и поддршка според потребите за да го поттикне вклучувањето на овие лица во заедницата.
Истовремено, како што информираат од Министерството, се прават подготовки за преселба на сите седум деца под 18 годишна возраст од „Бања Банско” во групен дом во заедницата.
Сите активности се прават согласно Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник” 2018-2027 и претставуваат премин од досегашниот застарен систем за социјална заштита заснован на „безлични” институции, кон современ систем за поддршка и грижа во заедницата. Процесот на деинституционализација целосно ги почитува човековите права и ги зајакнува корисниците со што го поттикнува нивното активно учество во животот на заедницата и општеството.