Засега нема договор за лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за трите теми – Специјалното јавно обвинителство, пописот и Изборниот законик, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Нивните кабинети се во контакт и очекува дека во скоро време ќе биде договорена средба.
– Опозицијата или другите партиципиенти ако имаат и други теми јас сум на располагање да разговарам, но ова се пресериозни теми на кои час поскоро треба да седнеме и да разговараме, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по посетата на археолошкиот локалитет Стоби.
Во врска со тоа дали ќе се менува Изборниот законик за да има помалку изборни единици, бидејќи помалите политички партии го бараат тоа, Заев посочи дека нивниот став неколкупати е потврден, но прво Изборниот законик треба да се менува за да се вградат сите препораки на ОДИХР.
Швајцарската амбасада, посочи, обезбеди грант од 11 милиони евра, за десетгодишен период, но најмногу за создавање нов изборен законик.
– Треба да седнеме и да го реализираме тоа бидејќи и јас и Мицкоски, но и сите други, рековме после претседателските избори, знаејќи дека една ипол година нема избори до редовните избори, треба да седнеме растоварени да го решиме тоа прашање. Нашиот став како СДСМ е – за нас е прифатлива една изборна единица, отворените листи, се што ќе значи демократизација, се што ќе значи стручна експертиза за возможност во државата. Подготвени сме да го направиме чекорот. Верувам дека и другите политички партии ќе бидат подготвени да направиме еден исчекор кон демократизацијата во изборните процеси во Република Северна Македонија, додаде Заев.