Костадин Костадинов, пратеникот на СДСМ го коментираше најновиот статус на фејсбук на екс премиерот Никола Груевски, кој вели дека за време на проектот“Вистината за Македонија”, биле пуштени само одделни исечоци од целосните снимки кои одговараат за актуелниот политички момент, поконкретно за бомбата за убиството на Мартин Нешкоски?
-Најпрво сите знаеме, цела македонска јавност знае дека Никола Груевски не треба да пишува статуси на фејсбук од Будимпешта и да се слика со старлети, туку треба да се врати во државата и да си ја одлежи казната затвор согласно правосилната судска пресуда.
Во однос на тоа што го констатира, а тоа е објавената снимка по повод смртта на Мартин Нешкоски, би сакал да ви кажам дека, и од оваа снимка која што ја објави Ел Чека, јасно може да се види дека тогашниот премиер Никола Груевски и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска свесно се обидуваат да прикријат дека во моментот на убиството полицаецот Спасов не бил таму како член на обезбедувањето на Никола Груевски, туку бил приватно.
Понатаму во снимката можеме јасно да видиме дека Никола Груевски и наредува на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска да каже во јавноста дека Спасов никогаш и не бил член на неговото обезбедување.
Свесни сме, имавме можност сите да го слушнеме, дека впрочем, Спасов бил ангажиран како дел од обезбедувањето на Никола Груевски, со усна наредба на шефот на обезбедувањето на Никола Груевски.
Исто така, понатаму во снимката можеме да видиме дека Гордана Јанкуловска и Никола Груевски се договараат за да имаат медиумска покриеност и да го искористат апсењето на Спасов, исто како што го искористиле и апсењето на Љубе Бошковски.
Се поставува прашањето и зошто, доколку во разговорот јасно се кажува дека треба да се оградат од шефот на обезбедувањето на Никола Груевски, а знаеме дека во 2011 година тоа не се случи.
Зошто Гордана Јанкуловска и Никола Груевски се обидуваат да го заштитат шефот на обезбедувањето?
Нормално, затоа што тројцата се соучесници во обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешкоски, рече Костадинов.