Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Финска во нашата земја Кимо Лахдевирта.
На церемонијата за примопредавање на акредитинвите писма Лахдевирта порача дека Финска го поддржува отпочнувањето на преговорите за членство со Република Северна Македонија и изрази верување дека Советот на министри на ЕУ ќе донесе позитивна одлука за ова не подоцна од октомври.
Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, на церемонијата истакнал дека меѓу двете земји се уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката и меѓусебна комуникација, изразувајќи уверување дека ангажманот на Лахдевирта ќе остави траен белег во надградбата на пријателските односи и соработката меѓу нашите земји.
– Високо го цениме Вашето богато дипломатско искуство и сметаме дека ќе претставува значаен придонес во збогатувањето на нашите пријателски односи. Ве уверувам дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош, порача Пендаровски.
Поддршката од Република Финска за интеграција на земјите од регионот во европските структури секогаш била од голема важност, оцени Пендаровски, изразувајќи надеж дека напредокот на нашата земја, кој е отсликан во Извештајот на Европската Комисија, ќе биде вреднуван и зацврстен со позитивна одлука за време на финското претседавање со Советот на Европската Унија.
– Република Северна Македонија ги негува истите европски вредности како и Република Финска. Сигурен сум дека европската определба и во иднина ќе претставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Северна Македонија и Република Финска, порача Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, упати поздрави до финскиот претседател Саули Нинисто, со искрени желби за негово добро здравје, истовремено поканувајќи го во посета на Република Северна Македонија.
Новоименуваниот фински амбасадор Лахдевирта, изрази уверување дека ќе ја продолжи работата на неговите претходници за понатамошно продлабочување и проширување на соработката помеѓу нашите две земји.
– Ја посетив Вашата земја во средината на деведесеттите во период кога еден фински генерал беше командант на мировната операција на ОН овде. Импресиониран сум колку многу успеа да постигне Вашата земја оттогаш, на домашен и меѓународен план, истакна Лахдевирта.
Тој изрази уверување, дека Финска како претседавач со Советот на ЕУ, ќе направи се што е во нивна моќ да постигнеме конкретни резултати за време на нашето претседателство.
– Финска силно верува дека кредибилна политика на проширување е инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа. Во согласност со препораките на Комисијата, Финска го поддржува отпочнувањето на преговорите за членство со Република Северна Македонија. Се надевам и верувам дека Советот на министри на ЕУ ќе донесе позитивна одлука за ова не подоцна од октомври, истакна Лахдевирта.