Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека преговорите на работните групи за законот за Специјалното јавно обвинителство се заглавени и оти суштински разлики на работните групи се за членот 105.
-За законот за СЈО застанати се работите. Министерката за правда денеска даде информација дека е заглавена работата на членот 105. Лидерот на опозицијата на сите средби кажува дека Катица Јанева е проблем. Во дел од работите на работните групи има напредок, но на одредени детали на членот 105 сме заглавени. Верувам дека идната недела ќе мора нешто да помрднеме, затоа што до крајот на овој месец треба да имаме одговор – има решение или не на ова прашање. Бидејќи ако тој не е дел од извештајот на ЕУ за кој ќе се одлучува во октомври, тоа не значи дека нема некој да го искористи како контра аргумент во носењето на одлуката. Но, тоа за мене е секундарно, а примарно е носењето на законот за јавно обвинителство. Ние мора да го донесеме, тоа е дел од правосудството и е наша обврска пред граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за врема на посета на локалитетот Стоби.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека од ВМРО-ДПМНЕ не добиле никаков предлог закон за јавно обвинителство.
– Во текот на разговорите по текстот од Министерството имаше одреден напредок, но останаа суштински разлики за членот 105 кој се однесува на продолжувањето на постапките почнати од СЈО, како и на прашања кои се однесуваат на статусот на СЈО. Законот предложен од Министерството содржи одредба дека специјалниот обвинител се избира од Советот на обвинители, така што прашањето за тоа кој ќе го води СЈО е прашање кое не се третира во преговорите за законскиот текс, вели Дескоска.