Швајцарецот Роже Федерер, се пласираше во финалето на Вимблдон, откако славеше во тениското „Ел Класико“ против Рафаел Надал со 7:6, 1:6, 6:3, 6:4.
Федерер во речиси секој сегмент од играта беше подобар од Шпанецот и на крајот сосема заслужено го трасираше патот кон финалето во кое ќе ги одмери силите против Србинот Новак Ѓоковиќ, кој претходно славеше против Роберто Баутиста Агут со 6:2, 4:6, 6:3, 6:2.
Ова беше нивни јубилеен 40. меѓусебен меч, во кој Швајцарецот дојде до 16-та победа. Нивното ривалство датира уште од 2004 година кога го одиграа првиот дуел на мастерсот во Мајами, каде славеше Надал со 6:3, 6:3.
Федерер во недела ќе се обиде да дојде до деветтата титула на турнирот во Лондон, додека за Ѓоковиќ тоа би била петта круна.