Интер е свесен дека ризикува да биде тужен, па затоа назначи личен тренер да работи со непотребните Мауро Икарди и Ража Наинголан. Дуото, кое дефинитивно не спаѓа во сметките на менторот Антонио Конте, продолжува да тренира одделно од останатите играчи.
И на белгискиот и на аргентинскиот репрезентативец им беше кажано дека нивните денови како играчи на „нероазурите” се при крај. Во принцип, во спротивност со правилата е да се спречи играчот да учествува во процесот на тренинг доколку е здрав и има валиден договор. Во врска со ова, Интер оствари консултации со своите адвокати и најде ново решение.
За време на тренинг кампот во Лугано, целиот тим работи заедно за фитнес вежби, но Наинголан и Икарди се исклучени од тактичките активности. Во овие моменти блиску до нив е поранешниот тренер на младинската формација Даниеле Бернацани, кој им доделува задачи на двајцата „одметници”.
Интересно е да се напомене дека Бернацани е всушност директор на целата младинска академија, а во моментов ја игра улогата на „дадилка” на незадоволните ѕвезди.