Над 50.000 домаќинства во американската сојузна држава Луизијана останаа без струја во пресрет на ураганот „Бери“, јави „АП“. Бурата во моментов се наоѓа на околу 90 километри југоисточно од Морган Сити, каде околу 3.000 лица немаат електрична енергија.
Како што пренесе „АП“, делови од Лузијана веќе се погодени од дождови и силни ветришта, а дел од патиштата се под вода.
Околу 3.000 припадници на американската Национална гарда во чамци, теренски возила и хеликоптери се наоѓаат во Луизијана каде ќе помагаат во евентуални спасувачки мисии.
Досега е забележана брзина на ветрот до 120 километри на час, а постои можност ураганот да предизвика катастрофални поплави во земјите во Мексиканскиот залив, наведе „АП“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп прогласи вонредна состојба поради бурата.
„Бери“ се приближува и кон Њу Орлеанс, чиишто жители во претходните денови веќе се соочија со поплави.