Холандскиот репрезентативец Матаис де Лихт ќе игра со бр.4 во италијанскиот хегемон Јувентус, соопштува „Де Телеграф”.
Трансферот на 19-годишниот централен дефанзивец е прашање на часови, а „старата дама” се избори за него со Барселона и ПСЖ. Ајакс ќе ги добие посакуваните 75 милиони евра за својот капитен, откако претходно ги отфрли сите други понуди на Јуве.
Агентот на Де Лихт, Мино Рајола, рече дека младиот фудбалер веќе преговарал за своите лични услови. Тој ќе потпише 5-годишен договор, а неговата плата ќе биде 12 милиони евра сезона плус бонуси. Ќе има и клаузула за откуп од 150 милиони евра.
Минатата сезона Де Лихт запиша 55 натпревари за Ајакс на сите турнири. Во нив постигна 7 гола и направи 4 асистенции. Дефанзивецот ќе биде шесто ново засилување на Јуве ова лето.
Пред тоа, торинскиот тим се засили уште со Арон Ремзи, Адриен Рабио и легендата Џанлуиџи Буфон. Тројцата пристигнаа како слободни агенти, односно од Арсенал и ПСЖ. Лука Пелегрини беше дел од продажбата на Леонардо Спинацола во Рома, а Мери Демирал беше купен од Сасуоло за 16,2 милиони евра.
Кристијан Ромеро беше земен од Џенова, но ќе остане една сезона под наем во тимот од северот на Италија.