Разрешувањето на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски по повеќе од една година избегнување, конечно е ставено на дневен ред на седницата на Судскиот совет закажана за среда, дознава порталот Сакамдакажам.мк.
Расправата по точката „Извештаи на комисиите за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд“, објавена на дневниот ред на седницата на Советот, нема да биде јавна.
Се предлага разрешување на Вангеловски и уште на двајца врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан. Барањето беше не од Специјалното јавно обвинителство, чие што беше обвинението за „Труст“, туку од тогашниот државен Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој поднесе такво барање преку обвинителот Ацо Колевски и се замеша во надлежностите и работата на СЈО.
Судскиот совет требаше да го расправа за разрешувањето на Вангеловски на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот Киро Здравев на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување. Здравев на прашање дали конечно ќе се расправа и ќе се гласа за иницијативата против претседателот на Врховниот суд, тогаш рече:
„Тие постапки се во фаза на расправа, а некаде сум информиран дека е потребно да се изработи и извештај од комисиите врз основа на претходно спроведената расправа“.
Вангеловски јавноста го слушна во бомбите како договара судски предмет со ексминистерот Миле Јанакиески, потоа во разговор на функционер од тогашната власт со соговорник каде изнесуваат компромитирачки моменти за него. Во посебен извештај го посочи и специјалната обвинителка Катица Јанева како судија, претседател на највисокиот суд, кој спроведува партиски влијанија и директиви, но до денеска, тој не си поднесе оставка.
Пред 13 месеци Судскиот совет отвори постапка за разрешувањето на Вангеловски и на двајцата негови колеги. Но, доскорешниот претседател на Советот Зоран Караџовски не презеде ништо во врска со отворената постапка за да дојде до гласање. Сега Советот има нов претседател, врховниот судија Киро Здравев.
Врховниот суд го спаси Кочан од притвор во мај 2017, откако Колевски поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ) со кое се замеша во работата на СЈО. На барање на СЈО, Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје, иако сѐ уште на власт беа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, му одредија притвор на тогаш осомничениот во „Труст“ Кочан. Потоа, петчлениот Кривичен совет на Врховниот под раководство на Јово Вангеловски постапи и најде неправилности во одлуките на двата пониски суда, по што му ја укина мерката притвор.
Кочан по оваа одлука на Врховниот суд иницирана од Колевски, се врати од бегство.