Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија ќе достави иницијатива до Владата за реформи во поддршката на државната помош за саемски учества на компаниите.
Комората ќе бара од Владата да определи една надлежна институција што ќе ја обезбедува финансиската и логистичката поддршка на претпријатијата кои настапуваат на саеми, долгорочно да се планираат средствата, односно среднорочно-минимум три години однапред за да можат компаниите да аплицираат за саеми, како и да се редефинира моделот за заедничко изложување на меѓународните саеми, односно националниот штанд да не биде воден од најниската цена, туку од најатрактивната локација и најубаво изготвен штанд.
Во сегашната законска регулатива, како што појасни на денешната прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора, постојат неколку опции или можности како извозните компании можат да користат средства за поддршка на саемски манифестации.
– Согласно постојната законска регулатива, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во делот што опфаќа финансиска поддршка за усвојување нови пазари и пораст на продажбата се предвидени до 30.000 евра поддршка за компаниите кои планираат настап надвор за промоција на своето производство, но под услов да има нова инвестиција. Согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за оваа година Министерството за економија обезбедува финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за учество на домашни регионални и меѓународни саеми со кои се покрива до 60 проценти од докажаните трошоци, но максимум до две илјади евра. Следен извор на средства од каде може компаниите да користат бенефиции е преку МЗШВ и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и четврт сегмент е Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, вели Михајловска-Василевска.
Како што информира претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора, Глигор Цветанов, повеќе од 80 проценти од сите извозни дистрибутери и купувачи ги имаат најдено на големите светски саеми.
Заменик претседателот на Клубот на извозници, Горан Антевски ги повика сите членки на Стопанската комора да земат поголемо учество во своите здруженија и да ги претстават саемите на кои сакаат да учествуваат.
Одговарајќи на новинарско прашање што друго бараат од државата на финансиски план, Антевски ја посочи Турција како пример, каде државата на извозниците им спонзорира 50 посто од учеството на саемот.
– Трошоците што се на саемот, од купување на штандот, просторот, изработка на штандот и трошоците што се за учесниците на саемот, Турција им ги покрива 50 отсто и затоа тие се најголеми на саемите и секаде се присутни, затоа и нивната економија расте. Ние бараме барем дел од тие средства да се покријат, дали за штандот или за просторот затоа што посета на еден саем од мојата бранша (електирка и машинство) е минимум од 25 до 30 илјади евра за помал штанд, вели Антевски.
Во однос на тоа каква системска поддршка е потребна за извозот, претседателот на Клубот Цветанов посочи дека треба пред се да се работи на зголемување на конкурентноста. Тој вели дека државата може да помогне во тој дел, преку зајакнување на Македонската банка за поддршка на развојот, која може да биде клучна во помошта на компаниите, како во кредитирање на извозни или компании кои имаат можност за раст и развој, така и со осигурување на извозот кој делумно го прават години наназад.
– Оваа иницијатива која ја даваме како поддршка на саемите мислиме дека е клучна, бидејќи ќе ги охрабриме компаниите што не размислуваат за извоз или учество на саеми да се охрабрат и да излезат, додаде Цветанов.