Федерика Могерини појасни дека инвестицискиот и трговски инструмент со Иран, воспоставен од страна на ЕУ по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Техеран, е сега отворен и за трети држави вон ЕУ.
Инстекс, алатката која ЕУ ја воведе по повлекувањето на САД од спогодбата со Иран со цел заобиколување на американските санкции против оваа земја, почна неодамна да функционира, по макотрпни преговори.
-Секогаш имавме намера Инстекс да биде отворен за трети земји, идејата беше првите процесуирани трансакции да доаѓаат од земјите членки на ЕУ, а потоа да биде отворено за трети земји, и гледаме интерес од некои од нив да учествуваат, изјави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини денеска.
Во Инстекс за сега учествуваат десет земји членки на ЕУ или најавија дека планираат да се приклучат и првите трансакции се веќе во тек, објасни Могерини.
Сепак, останува неизвесно дали во даден момент ќе може да се тргува и со нафта преку овој инструмент, прашањето е тема на внимателни дискусии во ЕУ со оглед на неговата чувствителност, посебно за американскиот партнер.
Воспоставувањето на инструментот Инстекс е начин за ЕУ да го задржи Иран во рамките на нуклеарниот договор, кој САД го напушти минатата година, меѓутоа санкциите со кои се заканува американската администрација веќе избрка повеќе големи европски инвеститори од Иран. Сепак ЕУ не се откажува, иако е свесна дека инструментот не може да го компензира американското повлекување, призна Могерини.
-Правиме сѐ што можеме да ги исполниме иранските очекувања, се надевам дека тоа ќе биде доволно за иранските граѓани и власти да сфатат дека сме целосно посветени кон имплементацијата на нуклеарниот договор и се надевам дека ќе сфатат дека тоа е и во нивен интерес, порача шефицата на европската дипломатија.
По најавата на САД дека нема повеќе да биде дел од овој договор, чија цел е нуклеарно разоружување на Иран, и дека повторно ќе воведе санкции, Техеран сепак продолжи да се држи до одредбите од спогодбата четиринаесет месеци, потсети Могерини. Неодамна, меѓутоа, иранските власти повторно почнаа со нуклеарните активности забранети во договорот, додека состојба во регионот се влошува секојдневно.
Запрашана дали требаше да биде поостра кон администрацијата на Доналд Трамп по овој чекор, Могерини рече дека е поважно да се фокусира на позитивните работи и дека покрај тензиите околу иранскиот договор, САД остануваат стратешки партнер и пријател на ЕУ.
Нуклеарниот договор со Иран беше потпишан во 2015-та во време на администрацијата на Обама помеѓу Иран, САД, Русија, Кина, Германија, Франција и Британија.