Пакетот санкции што САД ги подготвува за Турција ќе биде објавен по 16 јули, јавија некои западни медиуми, додека во меѓувреме синоќа слетаа уште три руски авиони со делови од противвоздушниот ракетен систем С-400.
Членови на Горниот дом на американскиот Конгрес (Сенат) викендов побараа од Белата куќа да не чека и да воведе санкции против Турција, како мерка за „опасното партнерство со Путин”.
Санкциите ќе бидат објавени по 16 јули, кога е годишнина од обидот за воен пуч во Турција, со цел да се избегнат непријатните асоцијации за официјална Анкара бидејќи, според турските власти, организаторот на пучот живее во САД.
Ракетниот систем С-400, во извозната документација именуван како „Триумф”, може да погоди воздушни цели на растојание од 400 километри и тактичко-балистички цели на растојание од 60 километри.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, зделката со испораката на ракетниот систем сионоќа ја нараче „најважен договор во современата историја на земјата”.
За некои експерти ова не е едноставна трговија со оружје туку голем надворешно-политички успех за Русија на меѓународната сцена наспроти САД и НАТО сојузниците, кои правеа големи напори испораката да не се случи.
Како членка на воената Алијанса, Турција со оваа испорака го разнишува своето место во НАТО.
По Белорусија и Кина, Турција е трета земја клиент на Москва за ракетниот систем „Триумф”. Во групата наскоро ќе им се придружи и Индија.