Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје го одби барањето за одложување на затворската казна на Сеад Кочан, потврдувајќи го решението на судија за извршување санкции. Како што информираат од Судот, кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одложување на извршувањето на затворската казна.
– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции од 01.07.2019 за предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст”, на 12.07.2019 година одржа седница и по ценење на фактите и доказите донесе решение со кое ја одби жалбата на обвинетиот и го потврди решението на судија за извршување санкции, информираат денеска од Основниот кривичен суд – Скопје.
Воедно, како што посочуваат од Судот, кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потрбно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени.
Бизнисменот Сеад Кочан на 17 јули треба да се јави во затвор да ја издржи затворската казна од четири години и осум месеци во предметот „Труст” на СЈО.
Кочан е осуден поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелацискиот суд му ја намали казната.