Огромините количини ѓубре од каде се гостат стаорци, предизвикуваат загриженост за јавното здравје во Рим, а лекарите ги предупредуваат семејстата да го избегнуваат ѓубрето расфрлано долж тортоарите. Граѓаните, разочарани од ажурноста на градската управа, дури започнале бизарен избор за најсмрдливи канти за ѓубре, пренесува хрватски „Индекс“.
Туристите кои го посетуваат Рим во голем број, се принудени да се движат меѓу преполните канти, а остриот мирис на ѓубрето особено се шири за време на топлите денови и како да потсетува на опасноста од ширење на заразни болести во Вечниот град.
Шефот на градскиот здравствен завод, Антонио Маги, издаде хигиенско предупредување и нагласи дека истото би можело да се претвори во предупредување за опасност по здравјето на граѓаните доколку болести почнат да се шират по пат на изметот од инсектите и другите животни кои се хранат од насобраното ѓубре.
Гневните Римјани во меѓувреме на „Твитер“ започнаа натпревар за најсмрдлив контејнер во градот.
Кутиите од пица наредени една врз друга, остатоците од шпагети и други оброци, корите од излупено овошје… привлекуваат на римските улици галеби, стаорци, па дури и диви свињи. Исто така забележани се и волци кои се приближиле до градот повеќе од кога било, пренесува хрватскиот портал.
Дополнителна огорченост кај жителите на Рим предизвикува високата цена што ја плаќаат за отстранување на отпадот од улиците.
Градот во 2017 година потрошил 597 евра по жител за управување со отпадот, што е највисока сума во земјата и е многу повеќе отколку што за таа намена издвојуваат жителите на Венеција (353 евра) или Фиренца (266 евра).
Но, на Рим му недостасува и соодветна инфраструктура. Од трите градски депонии, една е затворена, а во останатите две во последните месеци беснеат пожари.
Два објекти за биолошки отпад се затворени поради редовно одржување.
За општата состојба не помагаат ни бројните Римјани кои оставаат стари душеци, фрижидери и лежаи на несоодветни места, веднаш до контејнерите за ѓубре.
Сепак, 50-годишниот Римјанин, Салваторе Орландо, вината ја гледа кај градската администрација.
„Се разбира, градоначалничката е виновна. Не можете да ги обвинувате граѓаните. Секаде во светот граѓаните произведуваат ѓубре, мора да го фрлат некаде, а јавните служби се должни да го соберат истото. Тоа е така. Ние плаќаме даноци за тоа“, нагласува тој.
За лошата состојба со отпадот во Рим коментираше дури и папата Франциско кој рече дека градот страда од деградација и запуштеност.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, шеф на десничарската Лига, веќе започна да ја користи кризата со отпадот во главниот град како дел од политичкиот арсенал пред локалните избори во 2021 година.