Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 144-та седница, со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На денешната седница, како што е најавено од владината прес-служба, ќе биде разгледан Извештајот за извршените преговори со усогласен текст на меморандумот за разбирање помеѓу Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Северна Македонија и Бугарската агенција за промоција на мали и средни претпријатија при Министерство за економија на Република Бугарија.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на оваа седница ќе биде разгледана Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година, како и Информацијата за проширување на Програмата за наводнување на Република Северна Македонија преку обезбедување дополнителни средства од развојниот заем на Владата на СР Германија и КФВ банката.
По предлог на Секретаријатот за европски прашања на седницата ќе се разгледува и Информација за потпишување на Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за Акциската програма за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово за 2018-2020 година.
Министрите во Владата на денешната седница ќе се запознаат со Информацијата за реализација на воннаставните активности во училиштата поврзани со антикорупциска едукација на учениците.