Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ остро го отфрли обидот за, како што вели, погрешно толкување и вадење од контекст на изјавата во врска со заштитата на хрватските граници од илегални миграции.
„Сакам да истакнам дека хрватската полиција во спроведувањето на активностите за надзор на државната граница, со тоа и границите на ЕУ, во спречувањето на нелегалната миграција, постапува законски, професионално и хумано, а средствата за присила кон прекршителите на законот ги применува во најмала можна мера која е неопходна за заштита на безбедноста на полициските службеници и за извршување на нивните задачи“, рекле од канцеларијата на хрватската претседателка за „Индекс.хр“.
„Ова се факти кои ниту една игра на зборови, погрешни преводи или извадени од контекст делови од изјави не можат и нема да ги променат“, се вели во одговорот од канцеларијата.
Претходно медиумите објавија дека Грабар-Китаровиќ рекла дека хрватската полиција насилно ги враќа мигрантите од границата и дека потребно е малку насилство при спроведувањето потиснување.