Драмската програма на годинашното фестивалско издание на „Охридско лето” продолжува со претставата „Хадерсфилд” на авторот Угљеша Шајтинец, во изведба на Младинскиот театар од Загреб и во режија на Рене Медвешек.
„Хадерсфилд” е мрачна, потресна и духовита приказана за една триесетгодишна генерација, која ги доживува последиците од војната и не гледа пред себе никаква иднина.
Авторот Угљеша Шајтинец е роден во Зрењанин во 1971 година и е еден од најзначајните современи српски драматурзи, добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стеријината награда за „Хадерсфилд” во 2005 година. Наведената театарска претстава, исто така, беше поставена во Југословенско драмско позориште во Белград и со десетгодишното опстојување на репертоарот и гледаноста стекна култен статус, како и истоимениот филм што беше повеќепати наградуван.
Враќањето на еден од ликовите од Јоркшир во родниот град, во хрватската верзија во Карловац, остава можност приказната да се однесува на кој било град во јужниот дел на европските земји во транзиција и премин кон т.н. „капитализам”. Со оваа промена ликовите веруваат дека започнува рај на земјата, а дочекуваат војни, тајкуни, криминал, невработеност и грчеви во стомакот. Од овие земји, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други, илјадници млади луѓе денес секојдневно заминуваат не знаеме каде, не сакајќи да се свртат назад, а оние што остануваат тука, живеат живот со постојани разочарувања и незадоволство.
„Гледаш, мене Хадерсфилд ми звучи сончево” – во оваа едноставна реченица, која при крајот на претставата како реплика ја изговара еден од протагонистите, сместен е цел брутален но неверојатно порозен свет.
Самата приказна е темна, духовита, многу трогателна, говори за онаа генерација млади луѓе кои пред крајот на минатиот век ги остави зад себе последиците од војната, без притоа да согледа индикации за некаква подобра иднина. Во такви околности, и во време на потполно распаѓање на морални и материјални вредности, дури и дождливото јоркширско предградие се чини како ветена земја. Токму од таму се враќа еден од ликовите во оваа претстава, а со своето враќање ги отвора никогаш нерешените прашања и трауми од времето за кое сите мислат дека е одамна заборавено.
Во актерската екипа на гостинскиот театар од Загреб се: Дадо Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Дамир Шабан, Филип Нола, Бернард Томиќ и Тина Орландини. Претставата ќе се игра на сцената на Долни сарај од 21 часот.