Заев: Поддршка за интеграциите и најава за охрабрување нови инвеститори

Потврда за добрите пријателски односи помеѓу двете земји, посебно во делот на економијата и определба за развој на соработката и охрабрување на инвеститорите од Турција за нови инвестиции во нашата држава биле изразени на денешната средба на премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевљут Чавушоглу.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот се поздравени постигнувањата на Република Северна Македонија на планот на интеграциите и се изразени честитки за затворањето на билатералните прашања со соседите. Изразена е поддршка за отворениот пат на нашата држава кон НАТО и кон ЕУ. Исто така, пренесени се поздрави од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се додава, ја потврди поканата од претседателот на државава, Пендаровски за посета на турскиот претседател Ердоган, на Република Северна Македонија.

-Овој интеграциски процес има за цел да донесе економски бенефити за граѓаните. Затоа посветено работиме на НАТО и ЕУ интеграциите, но силно сме насочени и кон економијата и на мерките што ќе донесат директни финансиски придобивки за граѓаните. Република Турција е голем пријател и економски партнер на нашата земја и во таа насока гледаме можности да ја продлабочиме соработката, рече премиерот Заев.

На работниот ручек, се посочува, беше констатирано дека реформите во судскиот систем и функционирањето на правната држава се од значење и за граѓаните на земјава и за европските перспективи.

На средбата на која Заев беше придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи  и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, а Чавушоглу од турска делегација и од Тулин Еркал Кара, амбасадорката на Република Турција во земјава, разговарано е и за добрата соработка во образованието и за можностите за соработка во областа на енергетиката. 

Треба да знаете
Последни објави