Легендарниот Кафу последно беше актуелен во јавноста со своето присуство на големото дерби кое се одигра на Копа Америка меѓу Бразил и Аргентина, но сега се најде на удар од властите во својата родна земја откако судот му одзема пет негови сопствени работи, а му блокираше уште 15 додека не го исплати долгот кон државата.
Поранешниот капитен на Бразил и светски шампион со „кариоките“ се соочува со големи даночни проблеми, откако претрпел неверојатни загуби во фирмата која ја основал со својата сопруга Реџина. Компанијата „Капи Пента Интернешнл“ има остварено огромна загуба и има неплатен данок кој датира од 2004-та година, па поради тоа, долгот достигнал неверојатни 6 милиони долари.
– Ова е мој личен проблем. Можам да се ослободам од работите кои се во моја сопственост. Од мојот автомобил, од мојата куќа, можам да платам како сакам за да се ослободам од долгот, – порачува Кафу.