Србија најверојатно од следната година повторно ќе воведе задолжително служење воен рок, пишува денеска Српски телеграф и додава дека за тоа веќе една година се разговара.
Воениот аналитичар Мирослав Лазански вели дека на Србија и недостига војска, бидејќи професионалните војници сега имаат повеќе од 30 години и не можат физички да одговорат на своите задачи.
– На Србија и недостига обучена резервна војска и воена армија. Во сите досегашни судири се покажа дека војниците кои отслужиле воен рок се најдобри, рече Лазански.
Според него, Србија најверојатно ќе го задржи комбинираниот систем, според кој дел ќе бидат професионални војници, дел војници по договор, а дел војска која служи задолжителен воен рок.
Аналитичарот Александар Радиќ смета дека треба да се најде адекватен модел кој ќе и одговара на Србија и на времето во кое живееме.
– Немаме ниту пари, ниту услови тоа да се прави како некогаш, додека постоеше ЈНА. Јас се залагам за задолжителен воен рок, но не за сите, туку за одреден број луѓе. Никој никого не може да натера да оди во војска, но момчињата кои доброволно ќе се согласат да служат воен рок да не прават маргинални работи како до сега, како чистење дворови, рече Радиќ.
Тој додава дека доколку повторно се воведе задолжително служење воен рок тоа ќе се однесува на момчињата од 18 до 26 години и не би имало ретроактивно повикување.
– Тие кои не служеле воен рок ќе имаат обврска да поминат скратена обука за резервен состав, вели Радиќ.