Американското воено воздухопловство издаде сериозно предупредување до вжештените трагачи по вонземјани да не се обидуваат да го спроведат планот најавен за септември, на јуриш да упаднат во американската воена база во пустината Невада, во јавноста познатa како Област 51 (Area 51), каде што, според многу теории на заговор, се чуваат тела на пронајдени вонземјани и дел од нивната технологија.
Повеќе од еден милион луѓе се пријавиле за учество на фејсбук-настанот „Јуриш на Областа 51, не може сите да нè спречат“, кој е закажан за 20 септември, а уште милион се заинтересирани за настанот.
Теоретичарите на заговор долго време веруваат дека владата на САД чува тајни информации во врска со вонземјани и НЛО во Областа 51 односно дека локацијата се користи за чување на запленети НЛО или вонземска технологија. Ваквите теории Владата на САД со децении категорично ги негира.
Потенцијалните учесници на настанот се поканети да се соберат како толпа пред да се упатат кон возухопловната база каде што планот им е на јуриш да ги пробијат портите и да влетаат во објектот, како што се вели во описот на настанот, трчајќи побрзо од куршумите.
Сепак, весникот „Индипендент“ пишува дека ваквата фејсбук-објава е чиста сатира и шега, со оглед на тоа дека воената база во Невада е една од најстрого обезбедените локации во државата.