Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во понеделникот по повод тригодишнината од неуспешниот обид за воен удар, рече дека никој не може да го покори турскиот народ.
Тој, исто така, најави дека ракетниот систем С-400, кој Турција го набави од Русија, ќе биде целосно оперативен до април 2020 година.
Годишнината од обидот за државен удар беше одбележана низ целата земја, а централниот настан симболично се одржа на аеродромот „Ататурк“, на кој турскиот претседател слета ноќта на 15 јули 2016 година.
„Се додека ја одржуваме нашата вера, нашата историја и нашата култура, нашите потомци, никој не може да ја окупира оваа земја и никој не може да го пороби овој народ“, рече Ердоган во обраќањето од истанбулскиот аеродром пред повеќе десетици илјади луѓе, објави агенцијата „Анадолија“.
Тој додеде дека се надева оти по тој 15. јули никој веќе нема ни да помисли да се обиде да ја загрози волјата на народот.