Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска оствари средба со Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевљут Чавушоглу, во рамки на неговата посета на Северна Македонија, на која било разговарано за долгогодишното стратешкото партнерство меѓу двете земји и членството во НАТО.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, посочил дека Турција ја докажала долгогодишната поддршка на нашата земја на нејзиниот пат кон европската и евроатлантската интеграција.
– Традиционално блиските пријателски односи меѓу двете земји се вистински пример за градење на стратешко партнерство, и во таа смисла, со задоволство можам да кажам дека со ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Големото народно собрание, Турција ја докажа долгогодишната поддршка на нашата земја на нејзиниот пат кон европската и евроатлантската интеграција, изјави Османи.
На средбата, се вели во соопштението, било разговарано и за билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување во иднина, во рамки на долгогодишното стратешко партнерство, како и за теми поврзани со европската интеграција и перспективите на земјава во претстојниот период, во очекување на почетокот на преговорите во октомври.
Османи и Чавушоглу размениле мислења и за состојбите во регионот, посочувајќи дека успехот во надминувањето на отворените прашања на Северна Македонија со соседите е светол пример на Балканот кој треба да биде мотив и поттик и за останатите балкански земји.