Истражен судија му одредил 30 дневен притвор на Боки 13, кој беше изнесен од главниот влез на Кривичниот суд во моментот кога обвинителката Вилма Русковска даваше изјава за медиумите.
Боки 13 со кисела насмевка пројде покрај новинарите и обвинителката, со некој килограм повеќе од што јавноста го познава, и рече „зборувате лаги“. Русковска беше запрашана од новинарите, дали коментарот на Јовановски се однесува на неа, по што рече „Па не знам. Во моментот и вашата колешка зборуваше, може на неа се однесува“.
– По прозинесување на спроведените лица и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и донесе решенија со кои на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена со оглед да смета дека се исполнети условите од член 165 ст.1 точки 1,2 и 3 од ЗКП
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет, се наведува во соопштението кое Кривичниот суд го испрати по завршениоет распит на двајцата осомничени.
Според Русковска, пак, обвинителството како доказен материјал нема обележани пари кои, оштетениот бизнисмен им ги дал на Боки 13 и второосомничениот, Зоран Милевски Кичеец, но има видео и аудио снимки.
Таа потврди дека е одземен мобилен телефон од јавен обвинител, без да наведе име, а за кој медиумите информираа дека е на Катица Јанева, заради прибирање повеќе информации за истрагата.
Според неа, во наредниве денови може да се очекува проширување на истрагата.
Од Обвинителството, исто така, потврдија и дека е извршен претрес во канцеларијата на Јовановски во 1ТВ на која тој е сопственик. Јовановски и Милевски се спроведени во Кривичниот суд на распит пред истражен судија кој треба да одлучи дали ќе им биде одреден притвор како што денеска побара Обвинителството.
По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството денеска отвори истрага во која двајцата осомничени ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание”, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага. На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.