Општина Охрид да постапи согласно законските одредби со дивоградбата во центарот на советникот во општината, порача премиерот Зоран Заев и најавува дека доколку не се постапи согласно законот ќе бидат одземени надлежностите на локалната самоуправа.
-Законот мора да важи еднакво за сите. Така што апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник господионот Нефи да ги отстрани дивоградбите што не можат да се легализираат, односно немаат никакво право за легализација, затоа што државата ќе ги тргне. Ќе ги тргнеме заради тоа што е загрозен Охрид со УНЕСКО, заради тоа што граѓаните реагираат, заради тоа што не е правда овде, потенцира премиерот.
Тој рече дека дивоградбите треба да се срушат оти се дивоградби и не можат да се легализираат по закон. -Треба да се срушат, а екстра причина е УНЕСКО. Верувам дека и во овој случај ќе покажеме, што значи законот и владеење на правото, изјави премиерот на прес-конференција во Владата одговорајќи на новинарско прашање.
Истакна дека веќе разговарал со градоначалникот на Општина Охрид и оти очекува да се постапи согласно законот. – Не очекувам ни помалку, ни повеќе, ни мускули, ни сила. Само по закон за секого. Ако не се постапи најавувам одземање на надлежности, како што сум најавил на господинот Мерко за одредени постапки, рече премиерот.
Тој додаде дека јасно е пропишана постапката во која се укажува писмено и доколку не се постапи се одземаат надлежностите и тогаш државата постапува.