Со грант средства преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП извршена е реконструкција на кровот на основното училиште „Рајко Жинзифов” во општина Чаир, во кое учат над 1.400 ученици. Денеска заменик министерката за финансии Ширет Елези и градоначалникот Висар Ганиу го посетија училиштето.
Грантот е во висина од 3 милиони денари, а исто толку кофинансира и општината. Овој грант и е доделен на општината од страна на Светска банка, преку МСИП поради успешно спроведување на три други подпроекти преку истиот проект, односно реновирање на две градинки и училиштево општината со кој им се обезбедени подобри услови за образование на над 2.000 деца.
-Учениците на ова училиште ќе ја започнат новата учебна година во училиште кое ќе има нов кров, без азбести цементни блокови, кои не се добри по здравјето. Истовремено, ќе се подобри енергетската ефикасност на училиштето и се очекува сметките за енергија во просек да се намалат за околу 30% – рече заменик министерската за финансии Ширет Елези.
Градоначалникот на општина Чаир истакна дека преку заеднички ангажман ќе се овозможат подобри услови за поквалитетен образовен процес на местата на знаењето каде се подготвува идна здрава генерација.
-Останувајќи целосно фокусирани за подобрување на инфраструктурата на нашите основни училишта и детски градинки, како општина во континуитет остваруваме ефикасна соработка со други државни институции и ги користиме сите можни законски механизми за олеснување на реализирањето на многу слични проекти во служба на учениците и општо на сите граѓани.
Инаку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка, како и на Европската унија. Вкупниот фонд на проектот е преку 100 милиони евра – и тоа: 80 милиони евра заем од Светска банка, 15 милиони евра ЕУ грант средства преку ИПА и кофинансирање од Буџет од околу 5 милиони евра.
Проектот МСИП овозможува финансирање на капитални општински проекти од типот на: водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветлување, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности, како изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги поддржани се околу 230 капитални проекти во сите општини во земјава. Целта е да се обезбедат подобри услови за живот на сите граѓани во земјава.