Ангела Меркел, која денес полни 65 години, има намера да остане на функцијата германска канцеларка сè додека не заврши нејзиниот официјален мандат – односно до 2021 година.
Во изминатиот месец, канцеларката ги полнеше насловните страници поради чудното треперење. Нејзиното тело се тресеше најмалку три пати во текот на овој месец во присуство на бројни светски официјални лица. Поради тоа таа двапати го скрши протоколот, па своите гости ги пречекуваше седејќи на стол.
Ангела Меркел сега и официјално наполни доволно години за пензионирање. Со оглед на неодамнешните настани, многумина се прашуваат дали таа е во состојба да продолжи со работата, а медицинските експерти во јавноста зборуваат за можните причини за нејзиното треперење.