Поради тензиите со Иран, Велика Британија до крајот на годинава ќе испрати брод на Кралската морнарица ХМС Кент во Персискиот Залив за да ги заштити своите интереси и обезбеди слободна пловидба, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Министерството претходно наведе дека мисијата е рутинска, и оти распоредувањето на фрегатата било планирано одамна, но денеска објасни дека податоците биле помешани со оние кои се однесуваат на брод за поддршка Вејв најт.
– Жал ни е што информацијата во врска со одамна планираното распоредување на бродот Вејв најт е помешана со испраќањето на бродот ХМС Кент во Персискиот Залив. Остануваме фокусирани на намалување на тензиите во регионот и соодветно ќе реагираме за да ги зачуваме британските интереси и да обезбедиме слободна пловидба, стои во соопштението.
Техеран претходно најави дека ќе одговори на чекорот на Британија, која заплени ирански танкер во Гибралтар.