Македонија блеска во криминал, корупција, изнуди и поткупи. Македонија блеска криминално-политичко-судско-медиумски октопод. Македонија блеска во злоупотреба на институциите, нарачан прогон и неправда само за да се задоволи алчноста за лично богатење на владеачкиот ганг.
Ова што ни се случува е трагедија. Јавен обвинител за кој постојат сериозни индиции за криминал, наместо во притвор, дава овластувања на помошници и заменици.
Премиер кој до вчера си ја штитеше најефикасната алатка за политички прогон и го тешеше сега компромитираниот обвинител со зборовите “не се секирај, се ќе биде во ред”, наместо да си даде оставка, повикува на лидерски средби.
Половина влада која претходно му ветуваше посвојување на деца и му обезбедуваше кредибилитет и тежина на медиумскиот рекетар, наместо на обвинителна клупа, целиот овој театар го гледа од функционерските фотељи.
“Кики” и “Фрики” од рекетарските приказни си се смеат од страна затоа што се високи функционери и соработници од доверба на Зоран Заев. Тие ги знаат неговите криминали и затоа во овој момент нема политички договор за нив да важи законот.
Почитувани,
Со Република Македонија раководи криминална банда на чело со аболицираниот Зоран Заев. Целата македонска јавност е сведок на криминалниот октопод на чие чело е лично тој.
Сега е јасно дека незаконското отварање на случаи после истекот на крајниот рок имало само една цел, а тоа е уцена. Јасно е дека процесуирањето на случаи без докази имало само една цел, заплашување, прогон и изнуда на сите кои мислат поинаку од Заев.
Корените на аферата се многу подлабоки, а двете осомничени лица служат за да ги спасат оние кои биле на чело на оваа рекетарска банда, а се дел од врхушката на власта.
Уште еднаш се покажа дека Зоран Заев тргува со правдата за остварување на финансиски интереси и политички мотиви. Заев е главата на вториот криминален октопод на СДСМ во кој е изразена рекетарско, криминално, медиумската спрега.
Никој во Македонија не верува дека овие криминални дејанија се случувале без знаење на Зоран Заев, без поддршка од самиот врв на власта.
Акцијата која се спроведе пред два дена е само панична реакција, и обид да се замае јавноста преку обичен театар.
Одговор мора да има зошто на Катица Јанева само и беше одземен телефонот и беше оставена да продолжи да го води СЈО? Зошто доколку таа е вмешана во случајот не се превземени мерки за претпазливост на обвинителката, кога таа може директно да влијае на сведоците во овој случај, да го повтори делото или да се даде во бегство?
Дали Јанева не доби притвор само поради тоа што Зоран Заев лично ја штити?
Дали е точно дека Јанева во домот на првообвинетиот и во присуство на висок функционер од СДСМ ги договара обвиненијата на СЈО и како натаму да се постапува по нив?
Истрагата мора да покаже дали лично Зоран Заев играл улога и учествувал во рекетирањето, таргетирањето и прикривањето на уцените врз бизнисмитените. За случајот да се истражи до крај Зоран Заев мора да си замине, само така обвинителството и судството ќе можат да се ослободат од стегите на власта и да се дознае целата вистина за овој случај.
За ова да се случи потребни се предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на власта. Кога ова ќе се случи и во Македонија ќе се врати правната држава, тогаш ќе одговараат сите оние кои сториле криминал и се огрешиле пред законот, но ќе одговараат и оние кои истиот го штителе.