Наплатата на даноците и општите приходи во првата половина од годинава е зголемена за 6,6 отсто, но сепак се планира ребаланс на Буџетот во септември или октомври, изјави денеска заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
– Ребалансот на буџетот е редовна пракса и се прави секоја година и веќе службите се во подготовка на анализа на реализацијата на сите проекти без разлика дали се тековни или капитални во делот на податоците што ги црпат од Трезорот. Се планира да се реализира во септември или октомври и за тоа јавноста ќе биде благовремено информирана, изјави Елези во одговор на прашање по денешниот увид во градежните активности за реновирање на ОУ „Рајко Жинзифов” во скопската општина Чаир.
Таа нагласи дека наплатата на даноците и општите приходи во првите два квартали од годинава е зголемена за 6,6 отсто, односно дека се реализирани 96,2 милијарди денари од планираните 210 милијарди.
– Добра реализација имаат и прогресивниот данок од над 16 отсто, како и ДДВ со над 4,3 отсто заклучно со првите две недели од јули, а зголемени се и придонесите над девет отсто, бруто инвестициите за 9,9 отсто, градежништвото за седум отсто… Реализацијата, ликвидноста и плаќањата се одвиваат во ред, но сигурно ќе се направи анализа кои капитални проекти или, пак, кои проекти треба да се додадат или да се изземат во делот на постојниот планиран Буџет, рече Елези.
Прашана дали за ребалансот ќе биде надлежна таа или, пак, премиерот Зоран Заев, заменик-министерката рече дека Министерството за финансии е меѓу најсилните институции во државата и оти ги следи политиките што ги зацртува Владата.
– Имаме агенда на Владата и врз основа на тоа ја следиме во координација со премиерот, кој е надлежен за реализација на сите владини активности, стратешки документи, проекти и програми, посочи Елези и додаде дека е политичка одлука дали и кога некој ќе биде назначен за нов министер за финансии.