Политичките прашања што беа разрешени во голем дел од Договорот од Преспа ни оставаат простор за да сториме многу повеќе во економијата, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис за време на неговото обраќање на панел дискусијата во рамките на конференцијата на „Економист”.
-За да ги направиме овие чекори во економијата потребно е да се заштитат грчките производи, рече Варвициотис, што според него е едно од основните прашање за новата грчка влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека Нова демократија смета дека Договорот од Преспа не ги исполни грчките потреби и очекувања, но сепак дека постои простор договорот да стане покорисен и за двете страни.
-Мојата партија се бореше против потпишувањето и против ратификацијата на договорот. Веруваме дека не ги исполни и не ги покри сите грчки потреби и очекувања од еден ваков договор. Сигурен сум дека ќе имаме простор да разговараме и да се обидеме да го направиме овој договор покорисен за двете страни во следните месеци и години преку процесот на пристапни преговори во ЕУ на нашиот северен сосед во кој целосно, и одблиску ќе следиме и ќе учествуваме помагајќи на некој начин, бидејќи веруваме дека целиот Балкан треба да има европска перспектива, но како и да е ние ќе го направиме тоа на начин на кој ќе ги заштитиме нашите права и нашите производи, рече алтернативниот грчки МНР.
Говорејќи за регионот, Варвициотис истакна дека потребно е да има стабилизација, да се поддржи солунската агенда од 2003 година за европска интеграција на сите земји од Балканот.
-Вистински верувам дека со нашите северни соседи треба да најдеме начини за да ги стабилизираме нашите односи и навистина сакаме да најдеме начини за нашето соседство да го направиме покорисно, рече Варвициотис.