Неговите приказни, кои ги објавуваше на порталот Плус инфо за „Коки и Кики“, станаа појасни откако се приведени Бојан Јовановски и Зоран Милевски. Двајцата се теретат за рекет, а токму за тоа во текстовите пишуваше новинарот Бранко Геровски. Тој за ТВ21 вели дека во целата афера има уште вклучени лица. Според неговите проценки барем уште пет или шест луѓе учествувале во целиот скандал. Како што вели тој, истрагата на Обвинителството треба да ги да ги докаже овие сомнежи. Сепак, вели дека во рекетарската група има и две лица кои се дел од СДСМ. Геровски вели дека не би сакал да изнесува имиња, ниту повеќе детали, бидејќи со тоа би и наштетил на истрагата.
„Има работи кои допрва ќе се разоткријат. Треба да се разоткријат врските двајцата осомничени со уште барем пет – шест лица според мојата проценка. Мислам дека тие врски ќе доведат до нови основани сомненија за вмешаност на други луѓе во овој бомбашки рекет, во овој милионски рекет. Мислам дека обвинителството ќе дојде до фаза дека станува звбор за злосторничко здружение. И не е само во прашање рекет и во прашање е и сериозно перење на пари во кои се замешени многу други лица“, изјави Геровски.
Обвинителството за организиран криминал и корупција целиот случај јавно го откри во понеделникот. Веднаш потоа следеше спроведување во суд на Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милевски, а потоа и 30 дневен притвор. Воедно е одземен и мобилниот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, која пред прес конференцијата на обвинителството, одлучи да поднесе оставка, но како што наведе, поради други причини. Обвинителството вели дека засега има само двајца осомничени, но тоа не значи дека истрагата нема да се прошири. Засега, велат од таму, сите информации кои се појавија на одредени портали се на ниво на шпекулации, а само нивните соопштенија и изјави се веродостојни.
Целиот прилог погледнете го на ТВ21